Обраќањето на говорницата тој го искористи за да ги истакне, според него, успесите во работата на Министерството за внатрешни работи на чие чело се наоѓа.
-Имено – Сашо Мијалков е во затвор, таму каде што му е местото, и на него и на голем број поранешни функционери – криминалци, кои бескрупулозно крадеа од народот наместо да работат за она за што се избрани. Истиот Мијалков, на кого името се плашевте да му го спомнете, со години наназад. А сега гледаме како се зголемува бројот на години што ќе треба да ги одлежи. Каква иронија – идолот и идеологот на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Мијалков е во затвор, а опозицијата поднесува интерпелација за министерот за внатрешни работи?! Оваа интерпелација, во суштина,претставува реален приказ на изместениот систем на вредности на опозицијата, и затоа е, во најмала рака, чудна, рече Спасовски.
Според него, факт е дека ваквите случаи покажуваат одредени проблеми во функционирањето на системот, што се веќе детектирани и ќе се менуваат за да не ни се повторуваат во иднина, а и обвинителството води постапка за да утврди каква било одговорност.
Спасовски истакна дека е горд што од страна на ГРЕКО била препознаена и особено истакната позитивната транспарентност на МВР, кое ја имплементирала нивната Препорака бр. 11 за јавно објавување на буџетот на МВР, активностите, одлуките, управните постапки и јавните набавки на Бирото за јавна безбедност.
-Дали некому можеби му пречат позитивните и охрабрувачки оценки од ГРЕКО – тело задолжено за борба против корупцијата при Советот на Европа, во нивниот Извештај за нашата земја од Петтиот круг на евалуација, усвоен на 87. Пленарна седница на ГРЕКО, кои претставуваат уште една верификација дека се движиме по вистинскиот пат?! Дали оваа гтранспаретност некому пречи?, праша Спасовски.
Министерот соопшти дека за споредба, во периодот од 1 јануари 2021 до 15 април 2021 година регистрирани се 5.816 кривични дела и истите бележат тренд на намалување за 9,5% во споредба со истиот период минатата година. На пример, рече Спасовски, бројот на кражби е намален за 30 отсто, а бројот на тешки кражби за 22 отсто, одземањата на моторни возила за 28 отсто, а измамите за 37 отсто, посочи министерот Спасовски.
Објасни дека организациските единици во БЈБ активно постапуваат по седум оперативни акции, кои даваат видливи резултатите.
-Меѓу покрупните реализации би ја потенцирал кривичната пријава од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР до Основното јавно обвинителство Скопје против 36 лица, од кои осум вработени во МВР, поради основано сомнение дека издавале возачки дозволи на лица без положен возачки испит, како и против 28 граѓани, поради сомневање дека сториле поттикнување во извршување на наведените кривични дела, реча Спасовски.
Исто така, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, во соработка со Јавен обвинител од ОЈО Скопје, сузбија криминална група, чии членови- вработени во Управните служби на МВР, злоупотребувајќи ја службената положба, издавале македонски патни исправи злоупотребувајќи туѓ идентитет. Пријавените овозможиле на вкупно 215 лица, од кои 214 странски државјани и еден државјанин на Македонија, да се стекнат со македонска патна исправа под туѓ идентитет”.
Осврнувајќи се на акциите за сузбивање на трговијата со дрога, тој кажа дека само од почетокот на годината до средината на април запленети се околу 850 кг дрога, а намален е и бројот на обиди за илегални преминувања за повеќе од 30%, сузбиени две криминални групи.
Како резултат на интензивираните активности и координираното водење на криминалистичките истражувања во борбата со недозволената трговија со дрога, во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година се остварени значајни резултати, при што беше сузбиена шестчлена криминална група, а беа спречени пет меѓународни транспорти на дрога, во чии рамки се запленети над 688 килограми марихуана. Во овој период, истакна Спасовски, се запленети околу 850 килограми наркотична дрога, при што значајно е зголемена заплената на марихуана, хашиш, амфетамин и синтетички таблети.
-На граничниот премин Богородица, при извршен претрес во товарно возило помеѓу легалната стока-отпадна хартија, пронајдени и одземени се 390 килограми марихуана, набавена од Косово, која требало да се транспортира до Турција. На патниот правец Росоман-Прилеп, во близина на с.Манастирец-Кавадарци, во патничко возило управувано од лице од струшко пронајдени се 180 килограми марихуана. Во близина на с.Селемли-Гевгелија запленети се 92 килограми марихуана. Меѓу позначајните реализации се и разбиената мрежа на улични дилери и препродавачи на дрога на подрачјето на Прилеп, за што мерки на кривичен прогон се преземени против четири лица од Прилеп. Во април 2021 година беше сузбиена и шестчлена криминална група на патниот правец Прилеп – Росоман, во близина на с.Раец, при што беа запленети 200 килограми марухуана. Веднаш по моето враќање во МВР, уште во септември минатата година, беа запленети над 400 килограми дрога, беа сузбиени и две организирани криминални групи, во кои дејствувале 12 членови, спречени беа три меѓународни транспорти на дрога…, рече Спасовски.
Во делот на интензивните активности за спречување на илегалната миграција и сузбивањето на криумчарење мигранти, Спасовски рече дека се засилени контролите на терен со поставување на контролни пунктови, полициски службеници и мото патроли, со цел намалување на бројот на мигранти кои транзитираат низ нашата држава.
-Интензивните активности резултираа со намален број на обиди за илегални преминувања за повеќе од 30%. Притоа, од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, со моето повторно враќање во МВР минатата година, беа детектирани и сузбиени две криминални групи составени од 18 членови, кои во период од десет месеци нелегално пренеле околу 250 мигранти со потекло од Блискиот Исток од Р. Грција на територијата на Македонија, рече тој.
По неговото враќање во МВР стартувашла оперативната акција „Бегалец”, а уапсени над 400 криминалци барани по централна или меѓународна потерница.
-Кон зголемување на безбедноста на сите наши граѓани, како наш врвен приоритет, продолживме и преку интензивните активности за приведување на криминалци барани по меѓународна и централна потерница. Притоа, од септември до сега по разни основи 405 лица се лишени од слобода и спроведени во затворите за отслужување или доотслужување на затворската казна. Од нив, 67 се приведени во странство, а 338 во Република Македонија, истакна министерот Спасовски.
Причина за поднесување на интерпелацијата за минстерот за внатрешни работи Оливер Сапсовски беше бегството на Сашо Мијалоков, кој вистина дека сега е во затвор, но ова не не попречува да дискутираме за интерпелацијата бидејќи има стотици скандали за кои е одговорно Министерството за внатрешни работи, изјави денеска на собраниската седница пратеникот на АА и Алтернатива Халил Снопче образложувајќи го барањето за смена на Спасовски. Прв човек во МВР, според него, треба да биде некој што ќе се справи со притисоците и искушенијата. Снопче наброја, како што кажа, низа скандали што ја следат работата на МВР во изминатиот период.
На седницата не присуствуваат пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.