Координирани политички напади во Собранието
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку објава реагираше на, како што наведе, координиран настап на СДСМ, ДУИ и Левица против него во Собранието, при што Левица најавила нова интерпелација.
„Денешниот ден повторно ја разоткри коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица, кои синхронизирано и координирано повторно ги насочија сите свои сили кон мене. На пратеничките прашања СДСМ повторно со своето папагалско повторување на зборот оставка и ДУИ со своите традиционални измислени етнички прашања, а Левица со поднесувањето на нова интерпелација. Три партии, наводно различни и наводно спротивставени, денес повторно усогласени и координирани за една единствена цел“, напиша Тошковски.
Тој додава дека Левица ја најавила третата интерпелација против него за помалку од две години, оценувајќи дека таа, како и претходните, е политички мотивирана.
„Левица ја најави третата интерпелација против мене за помалку од две години. Како и претходните две и оваа повторно беше најавена преку режирана прес-конференција, повеќе со евтин политички настап отколку со суштински аргументи. Но, како и да е сакам една работа да биде целосно јасна“, стои во објавата.
Во однос на постапката, Тошковски истакнува дека ќе учествува во собраниската расправа.
„Интерпелацијата е демократско право на опозицијата и јас тоа право целосно го почитувам. Ниту сум бегал, ниту ќе бегам од расправа. Напротив, аргументите ќе ги соочам таму каде што треба, во Собранието, јавно, пред сите пратеници и пред граѓаните. Таму секој ќе има можност да каже што мисли, а одлуката нека ја донесат избраните претставници на народот, согласно сопствената совест и одговорност“, наведува министерот.
Левица како „најкорисен сојузник“ на СДСМ и ДУИ
Тошковски оцени и дека Левица со ваквите потези станува политички сојузник на СДСМ и ДУИ.
„Но, исто така, не можам да премолчам нешто што одамна им е јасно на граѓаните. Левица уште еднаш покажа дека, свесно или несвесно, станува најкорисниот сојузник на СДСМ и ДУИ. Истите тие партии против кои со години градеа имиџ на алтернатива и ветуваа поинаква политика, денес практично ги бранат преку напади кон секој што се обидува да воведе ред, одговорност и функционирање на системот“, стои во објавата.
Во објавата тој додава дека интерпелацијата нема суштински карактер.
„Оваа трета интерпелација не е израз на грижа за државата туку евтин политички обид да се закочи процесот на расчистување со криминалот, корупцијата и долгогодишната неказнивост која ја практикуваа нивните денешни партнери. Затоа што кога системот конечно почнува да функционира, најмногу се вознемируваат токму оние што со години профитирале од неговото нефункционирање“, наведува Тошковски.
На крајот од објавата, министерот порача дека ќе продолжи со работа и дека оценката ќе ја дадат граѓаните.
„Не се напаѓа оној што е неважен, се напаѓа оној што менува нешто. Јас ќе продолжам да работам, ќе продолжам да се борам со аргументи и со резултати. А конечниот суд, како и секогаш, ќе го дадат граѓаните“, порача Тошковски.
