Министерот Спасовски во разговорот за Радио Слободна Европа на тема за Годишниот извештај за човековите права на Стејт Департментот, во кој беше нотиран лошиот третман којшто го добиваат затворениците, пренатрупаноста во затворите и корумпираноста на чуварскиот, односно затворскиот полициски персонал, се сложи дека тоа е реален приказ на состојбите и приказ од кој ќе мора да тргнеме нивна промена, но уште еднаш направи јасна дистинкција дека затворската полиција, впрочем како и судската или шумската, не се во надлежност на Министерството за внатрешни работи и ги немаат поминато проверките и обуките на полициските службеници во МВР.
„Точно се детектирани работите, дека се однесува пред сѐ на затворскиот систем. Инаку, ние како МВР неодамна имавме акции во затворот Идризово, пред сѐ за криминал и корупција, при што имавме приведено неколку лица кои се веќе изведени пред лицето на правдата. А пред неколку дена, во соработка со АНБ и Јавното обвинителство, откривме друга голема криминална активност во затворот Идризово со копањето на тунел за бегство. Сето тоа покажува дека затворскиот систем треба да зајакнува сѐ повеќе, а МВР стои на располагање, во рамки на своите надлежности, да ја даде својата поддршка“, потенцираше министерот Спасовски.
За забелешките за нотирани случаи за прекумерна употреба на сила од страна на полициски службеници, Спасовски потенцираше дека МВР реализираше реформи за јакнење Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди коишто се во насока на јакнење на интегритетот на полициските службеници и имплементација на надворешниот механизам за контрола на полицијата, преку посебното Одделение во Јавното обвинителство, за истражување и гонење кривични дела сторени од страна на лица со полициски овластувања и преку надворешниот механизам за граѓанска контрола при Народниот правобранител.
„Сите овие механизми даваат можност граѓаните да можат да пријават било какво незаконско постапување. Веќе имаме конкретни случаи во коишто се водат кривични постапки против полициски службеници. Тоа е целта на системот, тие појави не се искоренети во ниедна земја во светот, меѓутоа креираме механизам за системот да одговори на сите такви предизвици и тоа е нашата крајна цел“, истакна министерот Спасовски.
Министерот Спасовски објасни дека перманентно се работи и во делот на континуирани обуки на македонската полиција, со цел знаењето да биде на високо ниво, се работи на подигање на степенот на интегритет на секој од полициските службеници и на тој начин се придонесува јавната свест за користењето и употребата на полициските овластувања да биде на соодветно високо ниво.