Поврзано со одржувањето на утрешната 123-та Седница на Собранието на Република Македонија Социјалистичката партија на Македонија го повторува принципиелниот став против уставните измени во било која форма и под било кои услови.

После минатогодишните лаги и манипулации за текот на преговорите од страна на највисоките државни функционери и владиното игнорирање на опозициските укажувања за неприфатливоста на ткн.француски предлог, сметаме дека овој неприроден процес е исклучиво дело на власта од кој опозицијата е целосно исклучена.

Од тие причини за Социјалистичката партија на Македонија е неприфатливо, во услови на свршен чин, барањето на власта за поддршка на уставните измени кои ги сметаме за промашено решение и за што благовремено предупредувавме.

Дотолку повеќе за крајно лицемерна и неискрена ја сметаме и понудата на власта за градење на национално единство за остварување на македонските европерспективи, но тоа сепак да биде по нејзин терк.

Социјалистичката партија на Македонија со индигнација одбива било каква соработка за било кое прашање, сметајќи ја власта и СДС за причина за сите сложени состојби низ кои поминале и со кои се соочуваат македонскиот народ и државата Македонија.

За Социјалистичката партија на Македонија е неприфатлива соддржината на едностраниот Договор за добрососедство кој е без никаков реципроцитет во обврските на страните потписнички.

Крајно дискутабилни се двата Протоколи во кои се соддржани сите идни барања на бугарската страна, а ќе се формализираат во нови уценувања за дополнителни отстапки, условени со нови блокади на преговарачкиот процес.

Тоа е резултат на дилетантската македонска надворешна политика и последица на неодговорниот однос на македонската Влада во заштита на интересите на македонскиот народ и држава.

Како последица на владината неподготвеност, незаинтересираност и неукост, на најдиректен начин се загрозени македонскиот идентитет, јазик, култура, историја, а владините негирања за тоа ги сметаме како дополнителна порврда дека тие во власта навистина не ги разбираат нештата или навистина по секоја цена и свесно вршат предавство на сопствениот народ и држава.

Оттаму ние од Социјалистичката партија на Македонија постојано инсистиравме на воспоставување на реципроцитет во обврските, признавање на македонското малцинство во Бугарија и исполнување на пресудите од Судот за човекови права.

Социјалистичката партија на Македонија му укажува на македонскиот народ дека нашето историско минато е преголем товар кој власта на СДС не е подготвена ниту сака да го носи, но затоа е подготвена да го распродава. За неа единствена цел е преку наводното отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, преку распродажба на националните и државните интереси, купување уште некое време на власт и голо додворување кон гласачите со лажната претстава за скор влез во ЕУ.

Уште една лага и измама.

Социјалистичката партија на Македонија е државотворна партија која и во оваа ситуација, како низ историјата, цврсто застанува пред македонскиот народ во заштита на неговите интереси.

Пратениците на Социјалистичката партија на Македонија во Собранието ќе постапат како чесни патриоти приврзани кон македонскиот народ и ќе застанат против уставните измени.

Социјалистичка партија на Македонија