Спортскиот центар „Борис Трајковски“ денеска одбележува 18 години од своето постоење.

-Место каде што се создаваа спортски успеси, се славеа победи и се градеа спомени што остануваат засекогаш.
Во изминатите години бевме дом на врвни спортски настани, концерти, манифестации и илјадници моменти исполнети со енергија, заедништво и инспирација. Благодариме на сите посетители, спортисти и пријатели што се дел од нашата приказна, велат од СЦ „Борис Трајковски“.

Нагласуваат дека продолжуваат заедно со посетителите да создаваат нови спомени и уште поголеми успеси!

Во состав на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ се наоѓа мултифункционална спортска сала која е репрезентативен спортски објект на Република Македонија. Повеќенаменската сала се користи и за културни манифестации. Арената има 15 фиксни блокови, од кои што еден е ВИП со сопствен влез и подтрибински вип салон, 12 мобилни трибини со кои има капацитет од вкупно 6.171 седиште. Мобилните трибини овозможуваат капацитет (во зависност од настанот) до 10 000 посетители.

Во самиот комплекс се наоѓа и мала спортска сала која се користи за тренинзи и рекреација. Центарот располага и со фитнес и аеробик центар, како и со пинг-понг клуб кој е достапен за сите посетители, а истиот е дополнет со студио за масажа. Во самиот комплекс се наоѓа и куглана, подготвена по светски стандарди од меѓународната кугларска федерација со бар.

Во рамки на спортсиот центар има и хокеј арена. Во овој објект на располагање на сите граѓани се и тренинзи по уметничко лизгање. Лизгалиштето е достапно и за рекреативно лизгање.