По насилните сцени што се случија синоќа во Нови Сад, студенти и граѓани повикаа на протестни собири во повеќе градови низ Србија.

Граѓаните на Нови Сад најавија протест вечерва во 18 часот на Театарскиот плоштад.

„Нашите улици вчера повторно беа испрскани со студентска крв, денес немаме право да останеме дома“, порачаа тие, додавајќи дека сакаат да им дадат поддршка на студентите кои, според нив, веќе 15 месеци се соочуваат со притисоци и заплашувања.

Во Белград, студентите во блокада најавија собири на две локации – на Ушќе и на улицата Кнеза Милоша, под мотото „Белград не молчи“. Според објавите на социјалните мрежи, протестите се реакција на насилството врз студентите во Нови Сад.

Протести со истото име се најавени и во Ниш, каде граѓанските хорови ги повикаа сограѓаните да излезат во 18 часот со пораката „Нови Саде, ние сме со тебе“. Студенти од Краљево исто така повикаа на протест на солидарност поради, како што наведуваат, насилството и реакцијата на полицијата за време на нападот врз нивните колеги.

Синоќа во Нови Сад се одржа протест под наслов „Индексот е за студенти“, а пред Српскиот народен театар имаше инциденти за време на церемонијата за отворање на Академијата. Иако беше најавено обраќање на претседателот Александар Вучиќ, неговото доаѓање беше откажано.