Косовските граѓани од српска националност се упатија утрово од северниот дел на Косовска Митровица за Рашка, каде што ќе гласаат за претседателските и парламенарните избори што се одржуваат во Србија, јави агенцијата КосоваПрес.
Многумина заминаа од автобуската станица во Косовска Митровица, но за да се избегнат гужвите организиран е превоз и од други локации, како што е општата болница во градот, комбинатот Трепча во Звечане и други.
Како што јави дописникот на МИА, во сите населени места со мнозинско српско население во Косово забележани се и граѓани кои одат да гласаат во Србија со сопствените автомобили.
Според митровичката телевизија на српски јазик „ТВ Мост“, уште во раните утрински часови колони со автомобили се упатиле во правец на Рашка во Србија, додека од Лепосавиќ, во правец на граничниот премин со Србија, Јариње заминале 10 автобуси. Медиумите јавуваат за долги колони на тој и на другите гранични премини меѓу Косово и Србија.
Некои косовски медиуми на албански јазик објавија дека во селото Шилово, општина Гњилане, синоќа се забележани групи на локални Срби кои чекале во редици за да се снабдат со гориво за да одат да гласаат во Србија. Наводно, горивото се делело бесплатно на една бензинска пумпа а за таа цел се користеле средства од еден српски хуманитарен фонд.
Денеска во Србија се гласа за избор на претседател на државата и за пратеници во републичкото Собрание. Белград побара отворање на гласачки центри и во Косово, меѓутоа косовската влада не го дозволи тоа без да добие директно барање од српските централни институции.
Премиерот Албин Курти не попушти ниту пред притисоците на Европска Уунија и на САД за да овозможи организирано гласање на Србите во северно Косово, по што Белград одлучи за нив да отвори гласачки места во градовите Тутин, Рашка, Куршумлија и Врање.