Македонската каратистка Јована Мицовска освои сребрен медал на Европското универзитетско првенство во боречки спортови, кое во организација на ЕУСА се одржува во Тирана. Таа настапи во категоријата до 61 килограм и со четири победи обезбеди место во финалето.

Во борбата за златниот медал, Мицовска, која е членка на карате-клубот „Макпетрол“, загуби со 1-3 од турската претставничка Нурбаде Бубер.

Близу до освојување медали од македонската универзитетска репрезентација беа и Петар Заборски и Вукашин Јовановиќ. Заборски настапи во категоријата до 75 килограми, а Јовановиќ во категоријата до 67 килограми, при што двајцата на крајот ги освоија петтите места.

На карате-турнирот во Тирана настапија натпреварувачи од вкупно 141 универзитет од 26 држави.

На Европското универзитетско првенство учествуваат повеќе од 1.500 студенти-спортисти од околу 400 универзитети. Тие се натпреваруваат во карате, џудо, таеквондо и кикбокс.