Претседателот на државата Стево Пендаровски ги прими учесниците на конференција на високо ниво „Зелена агенда за Западен Балкан“, што во организација на институтот Аспен од Германија се одржува во Скопје.
На средбата вчеравечер претседателот Пендаровски бил запознаен со програмата и целите на конференцијата, насочена да понуди платформа за учесниците од Западен Балкан, Германија, ЕУ, САД, како и меѓународни и регионални организации да разговараат за потенцијалите на зелената агенда за Западен Балкан.
Како што денеска соопштија од Кабинетот на Пендаровски, поздравувајќи го одржувањето на конференцијата, тој истакнал дека во време кога се соочувме со енергетска криза и економски турбуленции, не смееме да заборавиме на зелената агенда.
Шефот на државата Пендаровски оценил дека конференцијата е добра можност за дискусија и идентификување на главните предизвици и потенцијали на регионалната соработка, како фактор за стабилен и просперитетен регион, и потребата од нејзино постојано унапредување. Важен аспект во тој контекст, според претседателот, е перспективата за интеграција на регионот во Европската Унија.