Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски со објава на официјалната страна на фејсбук ги информираше граѓаните на Хиподром 2 дека е завршен сообраќајниот проект за изградба на локалните улици во новата населба Хиподром 2.

Во објавата на фејсбук, градоначалникот Стефковски напиша:

Добра вест за жителите на Хиподром 2.

Денес заврши изработката на сообраќајниот проект за изградба на улиците во новата населба Хиподром 2 и истиот во понеделник ќе биде доставен до градот Скопје и Министерството за Внатрешни работи на одобрување.

За асфалтирање на локалните улици во Хиподром 2 се обезбедени средства во висина од 45.013.572 денари како грант преку Светска банка.

Претходно од страна на општината на 13.05.2022 година беа комплетно завршени и доставени до

Министерството за транспорт и врски следните документи:

– Елаборат за заштита на животната средина кон основен проект за изградба на локални улици во Хиподром 2;

– Решение од Град Скопје за одобрување на Елаборатот за заштита на животната средина;

– Записник од увид на лице место;

– Известување за одобрение за градење;

– Одобрение за градење издадено од општина Гази Баба;

– Одлука на Советот на општина Гази Баба за утврдување на приоритетни улици;

– Project Appraisal Document на македонски и англиски јазик;

– PDO Indicator на македонски и англиски јазик;

– Премер пресметки за сите предложени локални улици во Хиподром 2;

– Анкетен лист за секоја од предложените улици;

– Изјава за изградба на атмосферска канализација.

И конечно денес е завршен и сообраќајниот проект кој по заверката од Град Скопје и МВР ќе се достави до Министерството за транспорт и врски по што ќе следи постапка за избор на економски оператор и ќе започне изградбата на локалните улици.

Работиме по план и програма. Заборавени населени места во општина Гази Баба нема да има!

Жителите на Хиподром 2 ќе добијат асфалтирани улици! – напиша Стефковски.