Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс синоќа изјави дека САД сè уште не виделе „доволна итност“ во пристапот на Иран, додавајќи дека „Вашингтон очекува да ги види сите страни во преговорите конструктивно и упорно да работат на постигнување напредок“.
Претходно европските преговарачи порачаа дека страните во обновените преговори имаат недели, а не месеци, да го спасат договорот, истакнувајќи дека во последната рунда разговори е постигнат одреден технички напредок за да се исполнат барањата на Техеран.
Иран потврди дека преговорите за спасување на нуклеарниот договор од 2015 година со светските сили одат во вистинска насока и дека договорот е можен доколку другите страни покажат добра волја и сериозност.
Иран и САД ги продолжија индиректните разговори во понеделникот, а фокусот на Техеран беше на укинување на сите американски санкции што ќе му гарантираат слободно да ја извезува својата нафта.
Во Виена се водат индиректни преговори меѓу САД и Иран за обновување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, а меѓу двете страни посредуваат дипломати од Франција, Велика Британија, Германија, Русија и Кина, бидејќи Техеран одбива директен контакт со Вашингтон.