Стејт департментот повторно ги повика Американците кои престојуваат во Русија веднаш да ја напуштат таа земја откако американски новинар беше уапсен по обвиненија за шпионажа, кои американски службени лица ги окарактеризираа како измислица.
Апсење на новинар на западен медиум под обвиненија за наводна шпионажа е прв ваков случај по крајот на Студената војна, што се водеше меѓу САД и поранешниот идеолошки ривал Советскиот Сојуз.

Овој случај се очекува да ги спушти на уште пониско ниво и онака влошените односи меѓу Вашингтон и Москва. Ако биде осуден, новинарот Еван Гершкович се соочува со затворска казна од 20 години. Притворот во московскиот затвор Лефтерово му е продолжен до крајот на мај.
– Би сакал мошне јасно да укажам, државјаните на САД не се безбедни во Русија. Сите американски граѓани кои живеат или патуваат во Русија, треба веднаш да заминат, соодветно нашите препораки за патувања, изјави Ведант Пател, претставник на Стејт департментот.

Тој додаде дека Американците кои бараат помош за излез од Русија треба да се поврзат со амбасадата на САД во Москва.

– За жал, гледаме како засилените репресии на руската влада ги засегаат и новинарите, како и активистите од граѓанското општество и пошироките слоеви на руското општество, рече Пател.

Од Белата куќа изјавија дека обвиненијата за шпионажа на новинарот Гершкович се „смешни“.

– Овие обвинувања се смешни. Руската влада врши прогон на американски граѓани и тоа е неприфатливо, изјави синоќа Карин Жан-Пјер, портпаролка на Белата куќа.