Извештајот за пожарот во модуларната болница во Тетово на експертскиот тим од Германија, по цели четири месеци конечно е во рацете на тетовските обвинители.

Деталите од вештачењето ќе се знаат откако ќе се изврши превод, затоа што е на германски јазик, по што ќе се анализира и ќе се донесе одлука, велат од Основното јавно обвинителство.

Извештајот од германските истражители до основното јавно обвинителство – Тетово пристигна во петок. Денеска е издадена наредба да се преведе од германски на македонски јазик, на судски преведувач со лиценца. Обемот на вештачењето е околу седум страни, при што е побарано внимателно да се преведе, затоа што има форензичка терминологија. Потоа тимот од петмина обвинители треба да донесе одлука – соопштуваат од тетовското јавно обвинителство.

За потребите на истрагата беа сослушани сведоците на настанот, како и одговорните лица во болницата.

На почетокот на октомври минатата година беше објавено дека според вештачењето на МВР пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор, односно апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, а беа направени и вештачења на Технолошкиот факултет и од електроинженер.

Пожарот, во кој живи изгореа 14 луѓе се случи вечерта на 8 септември 2021 година. На видеото од безбедносните камери се гледа како пациенти се спасуваат преку прозори, а објектот е цел во пламен, за само три минути.