Расте револтот кај сточарите за неисплатената премија за млекото од јули ланската година и кај земјоделците за неисплатените субвенции по повеќе основи.

Сточарите и земјоделците од Пелагонија денеска најавија протест за во среда (30 септември) од 11 часот на локација кај Тополчани кај млин „Осман“ на патот Битола-Прилеп. Протестот го организираат здруженијата на сточари и земјоделци „Пелагониско поле„ и „Фармери Југозапад“.

За млекото од јули 2025 години не се исплатени субвенции, а за пет дена ќе биде октомври 2026 година. Нема реакција од власта за намалениот откуп на млекото за цели 10 денари од страна на млекарниците. Лани литар млеко беше и до 33 денари, а сега е 23 денари за литар. Како тргнала работата ќе падне и на 20 денари за литар, колку шише вода во маркетите, реагираат сточарите.

„Протестот ќе биде во траење од час и половина. Досега требаше да бидеме исплатени и за првиот квартал од 2026 година. Но, сѐ уште немаме пари за десет месеци. Го демантираме министерот Серафимовски кој кажува дека 90 проценти од субвенциите за 2025 се исплатени. Ние велиме дека нема исплата ни на 50 проценти од обврските кон земјоделците. Бараме за Програмата за 2027 година да бидеме вклучени во нејзинотот донесување и да бидеме исплатени по 250 евра од крава, а не како досега 8.000 илјади денари, кои беа намалени од 12.000 денари како што беше пред две години. Нека се спореди нашата влада со Србија и нека види колку пари таму земаат сточарите. Ги покануваме сите да ни се придружат и министерот и пратениците кои можат да го пренесат гласот на селанецот, а и сите фирми со кои селанецот соработува“, изјави Борче Бучински од здружението „Пелагонско поле“.

Миле Кебакоски претседател на здружението„Фармери Југозапад“ вели дека имале обиди проблемите на земјоделците да се решат на маса во МЗШВ, но не успеале да оставарат состанок со надлежните, па сега вели: „Жал ми е што мораме да протестираме за нашите проблеми“.

Според познавачите на приликите државата на сточарите за 2025 година на име неисплатена премија за предадено сурово млеко им должи околу 600 милиони денари, а за првите месеци 2026 година околу 500 милиони.

На социјалните мрежи сточарите повикуваат сплотено „рамо до рамо“ да се излезе на масовен протест, но дел од нив коментираат дека –„90 проценти од сточарите се плашат да излезат, така што секоја чест на храбрите“.

Платежната агенција последно во март годинава, реализираше исплата на 270 милиони денари кон 4.545 производители на млеко токму за периодот јануари – јуни 2025 година. Висината на премијата изнесуваше: 6 денари по литар за кравјо млеко и 7 денари по литар за овчо и козјо млеко.

Премија добиваат сточарите кои минимално предаваат 300 литри млеко месечно по земјоделско стопанство.

Што се однесува до субвенциите по грло тие се исплатени за 2025 година. Дури на крајот на август годинава, одгледувачите на говеда последни ги добија субвенциите по грло крава за 2025 година во висина од 8.000 илјади денари по грло говедо.

Исплатени им беа 372 милиони денари на сметките на 4.284 сточари одгледувачи на крави. Претходно во август беа исплатени и одгледувачите на кози со сума од 85 милиони денари за 1.159 одгледувачи на кози, додека во пролетта на 2.139 одгледувачи на овци им беа исплатени една милијарда денари.

Венцо Ангелов, сопственик на сточарската фарма „Хајди“ од Видовиште, Кочанско, не памети дека субвенциите толку многу доценеле како сега овои години.

„Како што оваа година каснеа субвенциите, така никогаш повеќе да не се повтори. Субвенциите се битна капка крв за опстанок и развојот на сточарството и земјоделието. Само со зголемување на субвенциите и навремена исплата земјоделието и сточарството ќе оживеат во Македонија“, вели сточарот Ангелов.

Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски изјави дека годинава се реализирани околу 90 проценти од средствата предвидени за финансиска поддршка во земјоделството, при што досега се исплатени околу 6,5 милијарди денари на име на субвенции за земјоделците.

Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, Серафимовски истакна дека: „Земјоделците од државата очекуваат навремена исплата, а не нови оправдувања. Затоа, откако ја презедов функцијата на 13 јули оваа година, реализиравме седум одделни исплати во вкупен износ од 1 милијарда 227 милиони денари“, рече Серафимовски.

Тој најави и засилени контроли на доделените субвенции, нагласувајќи дека досегашните проверки откриле нереални приноси, неправилности кај дел од земјоделските стопанства и злоупотреби во сточарството.

„Секој исплатен денар за непостоечка површина, нереален принос или грло што фактички не постои значи помалку средства за оние што навистина произведуваат“, рече министерот Серафимовски.