– Факт е дека Сања Лукаревска стана десна рака на Зоран Заев, додека семејните фирми на Заеви со години должат кон државата, должат за данок. Шаблонот е лесен, УЈП не презема ништо за ненаплатените даноци, а во замена Лукаревска добива висока партиска функција. Ова е класична злоупотреба, ова е класична партизација на државата, на администрацијата, ова е класично преземање на јавните институции во партиски цели. И денеска прашањето е јасно, дали напредувањето на Сања Лукаревска во СДСМ се должи на фактот што како директор на УЈП фирмите на Заеви без стравување од некаква санкција, со години се на листата неплаќачи на данок. За нив нема извршители. На листата на должници на УЈП, на листата неплаќачи на данок се и компаниите во коишто Заеви се сосопственици. Вице Заев е содружник во градежната компанија „Дравас Инженеринг“, која заклучно со август, лани, имала вкупен доспеан, а ненаплатен долг од 41 милион 325 илјади денари кон државата. Од нив 25 милиони денари се за ДДВ, 14,7 милиони денари за данок на добивка и 279 илјади денари за плати и за придонеси, истакна Стоилковски.
Втора компанија, додаде тој, е „Сара Инженеринг“ со вкупен долг од 33 милиони 811 илјади и 500 денари, од нив за ДДВ се 13,5 милиони денари, за данок на добивка се 19,7 милиони денари и за плати и придонеси се 78.000 денари.
– Само со овие две компании, Заеви должат 1 милион 220.000 евра данок кон државата. На оваа листа е и фирмата „Сара Јавор Инженеринг“, чиј вкупен долг изнесува 16 милиони 204 илјади денари, од кои за ДДВ се 13,5 милиони денари и за данок на добивка се 2,1 милион денари. Со тоа, само од трите фирми во кои сосопственик е Заев, кон државата должат речиси еден ипол милион евра, односно над 1 милион 485 илјади евра. И ова се повторува со години, така, на листата неплаќачи во 2019-та пак беа фирмите на Заеви, како „Еленица“ со долг од речиси 10 милиони денари, додека „Дравас Инжинеринг” должела речиси 17,000,000 денари, по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка и по основ на персонален данок на доход. Додека СДСМ со Заев ја задолжи државата и планира да покачува даноци, фирмите на Заеви не плаќаат даноци, а директорката на УЈП добива унапредување во партијата на Заев. И денеска, наместо празни соопштенија за транспарентност, СДСМ треба да одговори, дали Сања Лукаревска е унапредена во партијата затоа што овозможува на фирмите на Заеви со години да се на листата неплаќачи данок? Транспарентноста во тоа дека семејните фирми на Заев не плаќаат данок не е напредок, напротив е дрскост и доказ за неказнивоста. Додека се качуваат даноците за граѓаните, а УЈП спроведува санкции за нив, Заеви се пример за неплаќање данок, рече Стоилковски.