Пратеникот од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, денеска обвини дека СДСМ избегнала дебата во Собранието околу финансискиот пакет и заемот што е предмет на расправа.
Стојаноски изјави дека аргументите кои изминатите денови биле пласирани во јавноста „паѓаат еден по еден“, посочувајќи дека биле исполнети барањата за условите на собраниската расправа.
„Прво, се тврдеше дека во салата 4 нема просторни услови, односно нема каде да се седне, обезбедивме место. Потоа, се тврдеше дека заемот е ставен како втора точка на дневен ред, ја ставивме како прва точка“, рече Стојаноски.
Според него, кога дошол моментот аргументите да се соочат „таму каде што им е местото, во Собранието“, СДСМ одлучила „да избега од дебата“.
Тој оцени дека се „целосно демонтирани“ и тврдењата дека заемот ќе предизвика крах на пензискиот систем, проблеми со буџетот, прилив на мигранти или неможност за користење средства од Европската Унија преку Планот за раст.
„Причината е едноставна, свесни се дека немаат аргументи со кои би ги поткрепиле сопствените тврдења“, изјави Стојаноски.
Во однос на финансискиот пакет, тој нагласи дека станува збор за „најповолни можни услови“ достапни на пазарот и додаде дека со средствата ќе продолжи реализацијата на капитални инвестиции и инфраструктурни проекти.
„Со овие средства ќе се финансираат: повисоки плати, повисоки пензии, изградба на три автопати, брза железница и реконструкција на постојните пруги, нови болници и училишта“, рече Стојаноски.
Тој посочи и дека дел од средствата се наменети за отплата на еврообврзницата земена во 2020 година, која доспева за плаќање во јуни, оценувајќи дека тоа е „крунски доказ“ за причините поради кои СДСМ не учествувала во расправата.
На крајот, Стојаноски порача дека однесувањето на СДСМ претставува „јасен показател дека на СДСМ не може да им се верува“.
