Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, закажа специјална средба за следната недела меѓу амбасадорите на алијансата и највисоките руски претставници, бидејќи двете страни бараат дијалог за да се спречи отворен конфликт околу Украина, изјави претставник на НАТО.

Загрижена поради трупањето руски сили во близина на границата со Украина, алијансата со месеци бара состанок на Советот НАТО-Русија, но неговото одржување беше доведено во прашалник поради шпионската афера во октомври.

Состанокот на Советот, формат на дијалог од 2002 година, ќе се одржи во Брисел на 12 јануари, откако САД и Русија ќе одржат безбедносен состанок на 10 јануари во Женева.

Шефот на европската дипломатија Жозеф Борел во вторник замина во дводневна посета на Украина за да ја покаже својата поддршка.

Русија бара гаранции дека НАТО нема да се прошири на исток и дека ќе ја прекине воената соработка со Украина и Грузија, кои имаат територијални спорови со Русија.

Москва ги отфрла американските обвинувања дека подготвува инвазија на Украина и го обвинува Киев дека акумулира сили на истокот на земјата.

-Секој дијалог со Русија мора да се одвива врз основа на реципроцитет, да се земе предвид загриженоста на НАТО за руската акција… и да се одвива во консултација со европските партнери на НАТО, рече претставникот на НАТО пред состанокот на 12 јануари.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова потврди дека руски претставници ќе присуствуваат на состанокот на Советот НАТО-Русија во Брисел.

На состанокот се очекува да присуствуваат рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков и други руски претставници, по средбата со заменик-државниот секретар на САД, Венди Шерман во Женева.

Ден потоа, на 13 јануари, ќе продолжат разговорите во поширок формат на ОБСЕ, кој ги вклучува САД и сојузниците на НАТО, Русија, Украина и другите поранешни советски држави.