Еколошките активисти од иницијативата „Стоп за Усје“ и граѓани вечерва протестираа пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) со барање да се почитуваат европски еколошки стандарди кога ќе се одлучува по барањето од Цемантарницата „Усје“ (Титан групација) за обнова на А-интегрираната дозвола.
Активистите, кои и во минатите месеци организираа протести за да искажат незадоволство од загадувањето на воздухот од „Усје“, денеска пред МЖСПП порачаа: „Не за нова дозвола по стари правила“, „Здравје пред профит“, „Скопје на народот, не на индустријата“.
Барањето за обнова на дозволата е поднесено и објавено на 22 мај на веб-страницата на Министерството и доставено до Општина Кисела Вода и Град Скопје, по што течеше еден месец рок за увид во барањето и поднесување забелешки на постапката за обновување на дозволата.
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа во петокот во телевизиско интервју посочи дека законскиот рок за поднесување забелешки трае до 22 јуни и дека во првата недела од јули ќе се одржи јавна расправа.
Како што рече, барањето е поднесено уредно и според актуелниот закон, дека постапката тече и треба да заврши во март, но дозволата ќе биде обновена според новиот закон за контрола на индустриските емисии, кој треба да стапи во сила во септември идната година. Новиот закон предвидува построги еколошки стандарди и тие ќе важат и за сите оператори со А-дозволи.
Со оглед на тоа што по 2027 година сите дозволи ќе мора да се ревидираат, според министерот, логично е секое тековно обновување да се врши според идните, повисоки критериуми за заштита на амбиенталниот воздух и околината.
Министерот Хоџа соопшти и дека се подготвува регистар на индустриски капацитети кои поседуваат А-интрегрирана дозвола и оти тие се обврзани да го информираат МЖСПП кое ќе ги објавува мерењата на својата веб-страница.
