Како што соопштија денеска од Стопанската комора на Македонија, клучни компоненти во Планот за економски раст се зголемени инвестиции од четири милијарди евра во наредните пет години, кој ќе поттикнат нови работни места и раст на економијата до пет отсто и обезбедување фискална консолидација, намалувањето на јавниот долг под 60 отсто од БДП и враќање на буџетскиот дефицит на три отсто.

Министерот Бесими, како што се наведува, кажа дека е ова оквирен план што ќе ги обедини сите механизми и алатки за поддршка на инвестициските активности на државата на едно место и произлегува од сумираните извештаи на годишната конференција „Скопје економски финансиски форум 2021“, кој од идната година ќе се организира заедно со бизнис секторот.

Во дискусијата учествуваа поголем број македонски бизнисмени подржувајќи ги контурите на планот и укажаа на повеќе сегменти, кои се исклучително важни при неговото конципирање. Однапред дефинирани критериуми, соодветна законска регулатива, форсирање на обновливите извори на енергија, погрешните субвенции во агросекторот, исклучително лошата состојба во градежништвото, состојбата со пазарот на работна сила, детални анализи за гранките што можат да испорачаат додадена вредност, се само дел од забелешките и мислењата кои ги истакнаа бизнисмените.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески го поздрави континуираниот дијалог со Министерството за финансии и укажа на деталното објаснување на одредени параметри од клучно значење за имплементација на планот, како што се: јасно прецизирање дека нема да има зголемување на даноците, јасно прецизирање на улогата на приватниот сектор во целиот план и форсирање на петте клучни приоритети на приватниот сектор, како што се: енергичната борба против сивата економија и корупцијата, забрзувањето на процесот на гасификација, поддршката на извозните компании, средување на состојбите во јавната администрација итн.