Предлог-законот за заштита од употребата на тутунски и сродни производи го помина првото читање на пленарна седница во Собранието. Според надлежните, станува збор за значаен институционален чекор кон зајакнување на заштитата на јавното здравје.
Законското решение ги опфаќа и новите никотински производи
Од Министерството за здравство посочуваат дека целта на законот е да обезбеди поголема заштита за децата, младите, непушачите и сите граѓани кои имаат право на здрав и безбеден јавен простор.
Новата регулатива е приспособена на актуелните состојби, во кои покрај традиционалните цигари сè почесто се употребуваат електронски цигари, загреани тутунски производи и други современи форми на никотински производи.
Министерот за здравство Азир Алиу нагласи дека ваквата реалност бара современи, прецизни и јасно утврдени правила.
Над 3.600 смртни случаи годишно се поврзуваат со тутунот
Според податоците на Министерството, употребата на тутун е поврзана со повеќе од 3.600 смртни случаи годишно, додека економските загуби се проценуваат на над 600 милиони евра на годишно ниво.
Податоците покажуваат и дека 13,6 проценти од младите на возраст меѓу 13 и 15 години употребуваат тутунски или никотински производи. Воедно, 57 проценти од учениците се изложени на пасивно пушење во затворени јавни простории, а 73 проценти од младите пушачи изјавиле дека при купувањето цигари не биле спречени поради нивната возраст.
Со предложеното законско решение се предвидуваат попрецизни правила за пушење на терасите, засилена заштита во здравствените, образовните и детските установи, како и ограничувања за пушење во присуство на деца.
Предвидена е и целосна забрана за рекламирање и промовирање тутунски и сродни производи, вклучително и преку интернет-платформите и социјалните мрежи.
Одржани консултации со индустријата и угостителскиот сектор
Алиу истакна дека предлог-законот бил подготвен преку долг и инклузивен процес, во кој биле вклучени сите засегнати страни.
Во текот на подготовките биле одржани седум работни состаноци со претставници на тутунската индустрија и пет состаноци со угостителскиот сектор. Законското решение било усогласувано и со државните институции, како и со 14 инспекциски и надзорни органи.
Преку Единствениот национален електронски регистар на прописи биле разгледани вкупно 58 коментари доставени од граѓани, трговци и експерти.