Турција е еден од најважните економски и трговски партнери на Македонија, а трговската размена минатата година достигна една милијарда американски долари, што претставува значаен резултат и поттик за уште поамбициозни цели во иднина, објави на Фејсбук министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој денеска во Истанбул учествува на бизнис-форумот Северна Македонија – Турција.

Муцунски имал обраќање на форумот, кој е посветен на унапредување на економските врски, трговската размена и инвестициската соработка меѓу двете земји.

Тој порача дека економската дипломатија претставува клучен сегмент од надворешната политика.

„Пораката што ја упатив е јасна: економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика, туку нејзино јадро. Успешната дипломатија денес значи повеќе инвестиции, повеќе извоз, нови пазари и конкретни можности за компаниите и граѓаните. Владите ја создаваат рамката, институциите ги отвораат вратите, но компаниите се тие што создаваат вредност, работни места и резултати“, напиша Муцунски.

Тој додаде дека е неопходно дополнително зајакнување на директната соработка меѓу бизнис-заедниците и поттикнување нови партнерства во повеќе сектори, меѓу кои индустријата, ИКТ, логистиката, туризмот, агробизнисот, инфраструктурата и иновациите.

Како што истакна, посилната економска соработка не е важна само за двете земји, туку придонесува и за поголема регионална поврзаност, конкурентност и развој.