Сите студенти на возраст до 29 години, без разлика дали студираат на приватен или државен факултет и дали се редовни или вонредни, до 20 декември можат да аплицираат за владиниот ваучер од 250 евра. Со ваучерот, студентите ќе можат да купат компјутер, лаптоп или таблет, кои треба да ги набават најдоцна до крајот на годината.
Од Министерството за дигитална трансформација велат дека интересот е исклучително голем. Само во првиот ден пристигнале над 17 илјади пријави.
„Од вчера до денска барање поднеле и веќе добиле ваучер 17,400 студенти, од кои 1,600 веќе го искористиле и си набавиле електронски уред. Навистина постапката е едноставна, без да се оди на шалтер, да се губи време. Буквално помеѓу две предавања од Амфитеатар можат да си аплицираат студентите“, изјави Љупчо Ристески од Министерството за дигитална трансформација.
Барањето се поднесува преку порталот uslugi.gov.mk, а единствениот услов е студентот да има активен кориснички профил. Ако уредот што сака да го купи е поскап од 15 илјади денари, студентот може да доплати.
„Можат и на рати да си земат или да доплатат кај економскиот оператор и ова е одличен пристап и за државата и за приватниот сектор и за родителите на студентите“, додаде Ристески.
Владата обезбеди над 13 милиони евра за оваа мерка, а спроведувањето на законот ќе го надгледува Државниот пазарен инспекторат.
