Со читање на материјалните докази од страна на Јавното обвинителство, во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами.

Јавното обвинителство најави изведување на 231 материјален доказ, повеќе вештачења и сослушување на 7 сведоци.

Обвинителството презентираше обемна документација поврзана со основањето на заедничкото друштво со странски партнер, владини одлуки, како и финансиски трансакции поврзани со набавката на видеолотариски терминали (ВЛТ). Обвинителството ги презентираше и договорите за заедничко вложување и основање на „Државна видео лотарија на Република Македонија – Казинос Аустриа ДОО Скопје“ од 2013 година, како и известувањето од странскиот содружник до Владата од 2022 година за непочитување на правната сигурност.

Како што образложи обвинителот, со овој доказ се укажува дека странскиот содружник реагирал оти правото на приредување електронски игри на среќа е внесено како основачки влог и со него не можело понатаму самостојно да се располага.

Како докази беа изведени и Програмата за работа на АД „Државна лотарија“ за 2023 година, договор за дело и мислење изготвено од овластен проценувач за вредноста и исплатливоста на вложувањето во видеолотариски терминали, како и информација доставена до Генералниот секретаријат на Владата за потребата од самостојно приредување електронски игри на среќа со анализа на пазарот.

Обвинителството се осврна и на доказите што произлегуваат од 158-та владина седница одржана на 6 јуни 2023 година – предлог-дневниот ред, стенографските белешки, записниците, владините заклучоци и одлуката за одобрување на работењето на Управниот одбор на лотаријата, како и мислењето од Министерството за финансии.

Како материјални докази беа приложени и девизни налози, банкарски изводи и формулари за реализација на фактури, сметки и испратници за набавените апарати, односно целата финансиска документација за јанмата набавка на видеолотариски терминали.

Обвинетиот Груби, со лаптоп пред него, внимателно ги следеше материјалните докази кои обвинителите ги изведуваа против него и уште седум други лица за злоупотреби во „Лотарија“. Тој реагираше за доказот за владината седница со која претседавал тој, односно одлуките и заклучоците кои биле донесени на оваа седница за четирите дополнителни точки. Објаснуваше дека тие биле усвоени на различни начин, но судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски му укажа дека ќе има можност и тој и сите обвинети да ја докажат својата теорија на случај.

Бранителот на обвинетиот Бојан Јанев, адвокат Јордан Апостолски, изјави дека обвинението е слабо, нејасно и контрадикторно и дека со досега презентираната документација се засилува тезата на одбраната.

– Од самите докази кои ги видовме денеска произлегува дека обвинетите не само што не ги сториле делата кои им се ставаат на товар, туку спротивно, постапувале по инструкции на Владата, со претходна согласност од Владата, и само го штителе државниот интерес што им била надлежност како членови на Надзорниот одбор. За другите обвинети не можам да кажам, но членовите на Надзорниот одбор постапувале штитејќи го државниот интерес. И многу е чудно зошто Обвинителството сака да го заштити монополот на Казинос Австрија кој го имале тогаш, а не Државната лотарија да приредува игри на среќа самостојно – изјави Апостолски.

На новинарско прашање во врска со наводите дека постапувањето било спротивно на законот, Апостолски одговори дека Државната лотарија имала законска можност и самостојно да приредува игри на среќа.

– По нашата теза и во нашата теорија на случај ќе видите дека не е тоа така, туку Државната лотарија можела и самостојно и заедно со други друштва со ограничена одговорност да приредува игри на среќа – рече Апостолски.

Покрај поранешниот вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на лотаријата Перпарим Бајрами, кои беа во бегство, но се вратија и се предадоа на властите, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Тие се товарат дека ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државната лотарија“ во износ од 9,7 милиони евра. Истрагата се водеше за делото Проневера, за кое се запретени високи затворски казни, а пред крај беше преквалификувано во Злоупотреба на службената положба, за кое е предвидена казна од една до 5 години затвор, бидејќи истрагата не обезбеди доволно докази за проневера.

Според Обвинителството, обвинетите биле свесни дека „Државна лотарија“ немала право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали, бидејќи во 2013 година го вложила тоа право како непаричен влог со вредност од 6,2 милиони евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа „Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје“, за што се стекнала со удел од 51% од основната главнина на друштвото. И покрај тоа, првиот обвинет, генерален директор и претседател на УО на „Државна лотарија“, Бајрами, на 9.5.2023 година до третиот обвинет – Генерален секретар на Владата, доставил Информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа. Вториот обвинет, Груби, кој имал реално влијание во раководењето со АД „Државна лотарија“ претседавал со седницата и предложил точката на дневен ред да се усвои, иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата. Информација била усвоена и „Државна лотарија“ била задолжена да ги преземе потребните активности за самостојно приредување електронски игри на среќа и да спроведе јавна набавка на видеолотариски терминали. Останатите обвинети, претседател и членови на Надзорниот одбор, иако знаеле дека законската процедура не е испочитувана, донеле одлука со која го одобриле отпочнувањето на јавната набавка, која се реализирала и биле преземени обврски за исплата со кои на АД „Државна лотарија“ ѝ била нанесена штета во наведениот износ.

Сите обвинети претходно се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судскиот процес, кој е по скратена постапка, го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.