Прашањата на Обвинителството за бројот на влезови и излези во дискотеката „Пулс“ во Кочани и можноста за евакуација на посетителите во ноќта на пожарот предизвикаа повеќе приговори од одбраната и бурни реакции од семејствата на жртвите на денешното судење во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје.

Обвинителството во продолжението на рочиштето бараше од вештакот ангажиран од одбраната, Петре Русески, да одговори за бројот и функционалноста на излезите на објектот, вградените градежни материјали, планот за евакуација и самата евакуација на посетителите, како и за функционалноста на вентилацијата. Обвинителството укажа дека вештакот веќе се впушта во анализа и оценува оти објектот исполнувал соодветни минимално-технички услови.

Вештакот Русески изјави дека не правел таква анализа и појасни дека наведените констатации се преземени од веќе утврдени наоди од надлежни институции, како што е Државниот пазарен инспекторат и органите што ги издале дозволите.

„Кажав дека при добивање одобрение за градење треба да се приложи и елаборат за заштита од пожари. Таков елаборат со оглед дека добил одобрение постои и градбата ги исполнува, така и е изграден. Понатаму, објектот има добиено употребна дозвола да се користи како деловен објект и тука Законот за градење нема повеќе ингеренции. Што се однесува до дејноста што се обавува во објектот постојат институции кои вршат проверка на елаборатите и се надлежни да проверат. Што се однесува на критичната вечер, дали да или не биле исполнети, неколку пати посочив дека треба да одговори вешто лице од противпожарна заштита, ние како архитекти и градежни вештаци не можеме“, изјави Русески.

Откако обвинителот Дарко Јакимовски побара од вештакот да каже дали од неговото вештачење може да се заклучи дека вечерта посетителите можеле непречено да ги користат сите три врати за евакуација, Русески одговори дека објектот имал три влезови и излези, но не за евакуација, нагласувајќи дека тоа прашање спаѓа во надлежност на вешто лице од противпожарна заштита.

По дополнителните прашања од обвинителот Јакимовски за тоа како вештакот дошол до заклучок дека имало три врати, а не само една што се заглавила при настанатото стампедо кога посетителите не можеле да излезат откако избувнал пожарот, реагираше првообвинетиот Дејан Јованов.

„Ако сакаш да знаеш, јас последен излегов низ таа врата!“, довикна Јованов.

Обвинителството бараше од вештакот да одговори и дали му е познат член 3 од Законот за градење и одредбите од член 19 од Правилникот за мерки за заштита од пожари каде стои дека за тавани треба да се користи материјал со отпорност на пожар од најмалку 0,5 часа, вештакот рече дека таква анализа не правел.

– Правилникот го анализирав од аспект на забрана на употреба на сунѓерот и барав одредба дали сунѓерот е забранет – изјави вештакот.

Прашањето дали полиетиленскиот сунѓер придонел за настанување на пожарот, судот не го дозволи, посочувајќи дека вештакот во својот наод наведува дека “причината за настанување на пожарот ја утврдил само од форензичкиот наод и мислење”.

На прашања од Обвинителството, дека нема направено анализа за значењето на полиетиленскиот сунѓер за настанување и ширење на пожарот, за бројот на посетители и евакуација, улогата на внатрешноста и уреденост на просторот, ниту дали ги анализирал можностите за напуштање на дискотеката… вештакот рече: „За сунѓерот не постојат од ниту една страна лабораториски испитувања за неговиот ефект затоа што сунѓерот на самото место не постои, изгорел. За евакуацијата и бројот на посетители треба да одговори вештак од таа областа”.

Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува со изведување докази предложени од одбраната.

Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март 2025 година за време на концерт на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, што претставува една од најтешките несреќи во поновата историја на државата.