Полицаецот што по ракометниот натпревар помеѓу Вардар и Еурофарм Пелистер на 13 мај го удри ракометарот Филип Талески со пендрек по глава доби кривична пријава, а ќе биде суспендиран и од работа, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оттаму велат дека кривичната пријава е за делото малтретирање во вршење служба, а ја поднел Одделот за внатрешна контрола при МВР до Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластува во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Пријавениот на 13.5.2023 година, околу 20 часот во спортската сала ’Билјанини извори‘ во Охрид по завршување на ракометен натпревар, при вршење на службата со умисла извршил малтретирање врз оштетениот Ф.Т. на начин што неосновано и прекумерно употребил средства за присилба врз него“, соопштија од МВР.
Во врска со суспензијата, пак, велат дека таа ќе трае додека да заврши дисциплинската постапка која ќе ја покрене Одделот за внатрешна контрола.
Полицаецот е вработен на подрачјето на СВР Охрид, а инцидентот се случи во турканици на теренот по завршување на натпреварот од финалето на Купот на Македонија што се играше во Охрид помеѓу скопски Вардар, чиј ракометар е Талески, и битолскиот тим Еурофарм Пелистер.