Македонија доби светски шампион во карате. Штипјанецот Марко Џорлев го освои златниот медал на Светското првенство за кадети, јуниори и натпреварувачи до 21 година во Бјелско-Бјала, Полска.
Членот на македонската репрезентација во финалето го совлада Адам Ваги од Унгарија со резултат 4:1.
Неговите тренери Сашко и Жарко Арсовски од Карате клубот „Штип“ ја објавија победата на социјалните мрежи.
„Македонија има светски шампион, Штип има светски шампион, Карате клуб „Штип“ има светски шампион. Радувај се, Македонијо. Фала му на Господ за сѐ“, напишаа тие.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, исто така му го честиташе успехот на младиот каратист, оценувајќи дека златниот медал е гордост за градот, државата и клубот.
„Македонија слави, Штип се гордее! Нашиот Марко Џорлев е светски шампион! Освоеното светско злато е гордост за Штип, Македонија и Карате клубот „Штип“. Благодарност и до тренерите Сашко и Жарко Арсовски за нивната посветена работа и создавањето шампиони. Браво, Марко! Ти си пример дека со труд, дисциплина и посветеност се стигнува до светскиот врв“, истакна Јорданов.
