Светската здравствена организација (СЗО) досега има регистрирано 5.322 лабораториски потврдени случаи на мајмунски сипаници, што е зголемување за повеќе од 50 отсто во однос на претходниот биланс од 22 јуни и само еден смртен случај, изјави денеска портпаролката на организацијата.
-СЗО продолжува да бара од земјите да посветат посебно внимание на случаите на мајмунски сипаници за да се обидат да го ограничат преносот, рече Фадела Чаиб на прес-конференција во Женева.
Засега не е закажан втор состанок на Комитетот на СЗО за итни прашања на оваа тема, по првиот состанок одржан на 23 јуни.
СЗО минатата недела оцени дека сегашното зголемување на бројот на заразени лица, иако загрижува, не претставува вонредна состојба во јавното здравство од меѓународен опсег, што е највисоко ниво на тревога на организацијата.
Бројот на заболени драстично се зголеми во последните денови, последниот биланс заклучно со 30 јуни претставува зголемување од 55,9 отсто во однос на претходниот биланс направен осум дена порано кога беа евидентирани 3.413 случаи.
Европа останува убедливо најпогодениот регион од вирусот со 85 проценти од случаите и 53 погодени земји.