Од Светската здравствена организација (СЗО) изразиле голема загриженост за ситуацијата на Балканот и бројот на смртните случаи поради ковид-19 во централниот дел од Европа, пренесува агенцијата АФП.
СЗО забележале дека ситуацијата на Балканот е сериозна, загрижувачка и тешка за справување со постоечките здравствени системи во засегнатите држави.
– Сериозно сме загрижени за Балканот, но и за голем дел од централна Европа, изјавила Кетрин Смолвуд од СЗО.
Оттаму сметаат дека и процесот на вакцинација е во застој поради одложувањето на дистрибуцијата на вакцини, па затоа е и зголемена локалната трансмисија, но и поради недоволното почитување на рестриктивните мерки. Ваквиот тренд на зголемување на бројот на новозаразени лица е забележан во последните 10 денови, што сериозно ги загрижило надлежните лица од СЗО за овој дел од Европа. Од СЗО додаваат и дека зголемениот обем на вакцинација ќе ја подобри ситуацијата.