Најавувајќи ја донаторската кампања, генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус истакна дека се дава можност на сите што сакаат лично да придонесат за вакцинирање ширум светот со скромна донација од седум долари и на тој начин да помогнат во прекинување на пандемијата.
Според СЗО, седум долари можат да ги покријат трошоците за купување и доставување единечна доза вакцина на некого во земја со ниски примања. Кампањата исто така ќе се обиде да обезбеди дополнителни средства преку компании чии вработени и клиенти ќе бидат поканети да се вклучат со донација.
-Најдобар начин за излез од пандемијата е сите да бидат вакцинирани, на чело со здравствените работници и најранливите групи во светот, се наведува во соопштението на шефот на СЗО.
Планирано е кампањата да биде покрената земја по земја следната година, почнувајќи од Велика Британија, САД, Израел и Кенија. Кампањата е поддржана и од глобални добротворни организации и компании.
Платформата КОВАКС има за цел да обезбеди две милијарди дози вакцини за земјите со пониски примања до крајот на оваа година.