На глобално ниво беа пријавени 3,6 милиони нови инфекции, наспроти 4 милиони новозаразени од претходната недела.

Падот на бројот на нови случаи од минатата недела е првото позначајно намалување за повеќе од два месеци. Бројот на случаи на ковид е намален во секој дел од светот.

Во најновиот извештај за пандемија објавен вчера, СЗО рече дека најголем пад на бројот на нови случаи е забележан во два региона, а тоа се Блискиот Исток (22%) и Југоисточна Азија (16%).

Според податоците, минатата недела имало нешто помалку од 60 000 смртни случаи од коронавирус, што е за 7 проценти помалку од претходната недела. Југоисточна Азија објави пад на смртноста од ковид за 30 проценти, а Западниот Пацифик објави пад од 7 проценти.

Најголем број нови случаи на коронавирусот се пријавени во САД, Индија, Британија, Турција и Филипините.

СЗО изјави дека делта-сојот кој се шири побрзо сега е регистриран во 185 земји и е присутен во секој дел од светот.