Таен соработник „Џокер“ и измислување причини за следење на Мицкоски

По изјавите на премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница, дека тајни служби креирале лажно досие за него во 2020 година со цел да го следат за време на парламентарните избори, Јавното обвинителство отвори предмет. Случајот е доделен на надлежен обвинител и ќе се испитуваат тврдењата за негово незаконско следење.

Според Мицкоски, таен соработник на службите со кодно име Цилиндер, подоцна преименуван во Џокер, давал лажни информации како алиби за следење на него и на неговото семејство. Тој откри дека извештаите содржеле тврдења дека е финансиер на параполициска формација, која имала за цел заплашување на граѓаните за да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.

Средба со државниот обвинител

Денеска, за време на настан организиран од МВР, државниот обвинител Љупчо Коцевски му соопштил на Мицкоски дека предметот е отворен по институтот „допрен глас“. Премиерот не ја откри разузнавачката служба преку која се одвивало следењето, но му порача на Коцевски дека очекува случајот да добие разврска.

  • „Во извештаите што ги доставувало лицето, се наведува дека сум поттикнувач и финансиер на една милитантна организација со паравоен и параполициски карактер. Овие извештаи и состаноци се одржувале на почетокот од 2020 година, за време на изборите, без да биде информирано Министерството за внатрешни работи. Тоа е така затоа што во тој период технички министер беше Наќе Чулев. На овој начин се обидувале да оправдаат следење на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ преку монтиран случај“, изјави Мицкоски.

Работењето на разузнавачките служби

Според Законот за АНБ, физички лица може да даваат информации што се од значење за националната безбедност, при што се составува записник достапен на надзорни и контролни органи. Премиерот не прецизираше како дошол до записниците или кој ги брифирал службите со лажни информации.

Во случаи на сомневања за кривични дела против државата, вклучително финансирање на параполициски формации, судот може да нареди тајни мерки за собирање информации, но само на барање на јавен обвинител и со одобрение од судија на Врховниот суд.

Реформи во разузнавачкиот систем

На прашањето за спојување на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, Мицкоски посочи дека реформите се во подготовка, но нагласи дека тие нема да бидат брзи.

  • „Оваа процедура нема да се спроведе брзо и нема да биде јавна. Откако ќе се завршат сите подготовки, ќе следува јавна дебата, каде што експертите ќе можат да ги дадат своите анализи и мислења. Во најголемиот дел од земјите членки на НАТО, ваквите реформи веќе се спроведени, и ние исто така работиме на нив“, рече Мицкоски во одговор на прашањето за реформите во разузнавачките служби.