Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф, за време на својата тајна посета на Москва на 25 август предложил одржување трилатерален состанок меѓу претседателите на САД, Русија и Украина. Информацијата ја објави американскиот портал „Аксиос“, повикувајќи се на неименувани извори.
Според изворите на порталот, Ретклиф за време на посетата требало да утврди дали руските разузнавачки служби можат да помогнат во убедувањето на рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на обновување на преговорите со Украина, со посредство на САД.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и претходно предложи одржување трилатерална средба. Идејата беше прифатена од украинскиот претседател Володимир Зеленски, но не и од Путин.
Со тајната посета на Москва на 25 август, Ретклиф за првпат се вклучува во дипломатските напори насочени кон придвижување на преговорите меѓу Русија и Украина.
За време на престојот во Москва, директорот на ЦИА се сретнал со директорот на руската Служба за надворешно разузнавање (СВР), Сергеј Наришкин, како и со директорот на Федералната служба за безбедност (ФСБ), Александар Бортников.
Преговорите меѓу Русија и Украина, кои се одвиваа со посредство на администрацијата на Трамп, беа прекинати по почетокот на војната со Иран.
Во изминатите неколку месеци, пратениците на Белата куќа Стив Виткоф и Џаред Кушнер одржаа одделни разговори со руските и украинските преговарачи. Сепак, во досегашниот тек на разговорите е постигнат мал напредок.
