Заздравувањето на економијата е започнато и целосно ќе се случи дури следната година. Целта е забрзување на економскиот раст од 2,5 отсто, колку што во просек бил во изминатата декада, на стапки од 5 отсто раст и со тоа да се оствари крајната цел – подобрување на условите и на животниот стандард за граѓаните, но одржување и на стабилноста на јавниот долг.

Ова го порачаа министерот за финасии Фатмир Бесими и академик Таки Фити на прес-конференција по повод одржување на првата научна конференција на тема „Предизвиците на фискалната политика во периодот на пандемијата од ковид-19 и перспективи во посткризниот период“ во организација на Министерството за финансии и МАНУ.

Според академик Таки Фити, мерките за добро менаџирање на јавниот долг, кој поради пандемијата надмина 60 отсто од БДП, треба да бидат насочени кон намалувања на владината непродуктивна потрошувачка или зголемување на даноците или да се комбинираат двата пристапа.

– Најдобар пристап за земјата е оној кој вели дека во основа максимално да се редуцира непродуктивната владина потрошувачка, а може да се оди и со блага прогресивност на даноците – рече Фити.

Тој смета дека може да се обезбедат поголеми јавни приходи преку борбата против сивата економија, која е прилично висока и делумно зголемување на даноците главно со прогресивност кај персоналниот данок на доход, но не и прогресивност кај фирмите, зголемување на даноците на имот и евентуално во иднина да се размисли и за еколошки даноци.

Фити смета дека не треба да има промена кај данокот на додадена вредност, бидејќи тоа се индиркетни даноци и тие се социјално регресивни и најмногу ги погодуваат социјалните категории од населението.

Според него, и годинава ќе биде потребно да се даваат стимулации кои тие треба да бидат насочени кон населението со понизок доход, кое, како што рече, се слоеви од популацијата која има повисока маргинална определеност кон потрошувачка и сите пари што ќе ги добие наеднаш ги троши.

И министерот за финансии смета дека поддршката треба да биде насочена кон ранливите категории.

– Во период на криза главно е здравјето на граѓаните, имунизацијата на населението која ќе помогне и од здравствен и социоекономски аспект, а сите препораки се во насока на поддршка на ранливи категории, економијата и поддршка на инвестициите – рече министерот за финансии Бесими.

Тој појасни дека со спроведувањето на процесот на имунизација и етапното подобрување на епидемиолошката слика, довербата кај инвеститорите и потрошувачите ќе расте, што пак ќе резултира со закрепнување на инвестициите и приватната потрошувачка. Сето тоа ќе придонесе за раздвижување на економската активност и раст на економијата.

Академик Фити смета дека актуелната инфлација не загрижува.

– Опасноста произлегува од пораст на увозните цени на енергенсите и храната. Ако тие растат на светскиот пазар, а македонската економија е увозно зависна и вршат притисок во финалните цени. Но притисоците врз инфлацијата не се големи и страшни со ставка од 2,2 отсто која може да се контролира за што има ефикасни механисми и не може да дојде до нарушување и високи стапки на инфлација. Оти високите стапки на инфлација влијаат на животниот стандард. Тука треба да се има предвид дека во оваа тенденција се предвидува барем кај глобалните движења дека во втората половина од годината полека ќе почне да се намалува. Во светски размени ќе се стабилизираат цените и на храната и на енергенсите – појасни Фити.