Таксист од Скопје е уапсен под сомнение дека со закана со остар предмет му одзел пари на 26-годишен државјанин на Кина, откако претходно му побарал повисока сума од реалната цена за такси-превоз.
Случајот се случил на 8 септември во 1:50 часот по полноќ, на подрачјето на општина Аеродром. Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.К. (29) од Скопје.
Според пријавеното, А.К. со своето приватно такси возило го превезол Ј.Т. (26) од Кина до бараната дестинација. По пристигнувањето, таксистот му побарал да плати повеќе од реалната цена на превозот.
Откако Ј.Т. не се согласил да ја плати бараната сума, А.К., според пријавата, му се заканил со остар предмет и му одзел пари.
По целосното документирање на случајот, ЕВР Аеродром и Драчево при СВР Скопје ќе поднесат кривична пријава против него поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“ по член 237 од Кривичниот законик.
