Сите државни службеници, и мажи и жени, можат да се вратат на своите работни места, соопшти авганистанската телевизија „Аријана њуз“, повикувајќи се на заменик шефот на талибанската политичка канцеларија во катарската престолнина Доха, Абдул Салам Ханафи.

-Вработените во дипломатските мисии, воените бази и цивилните оддели можат да ја продолжат својата работа без страв. Ничии права нема да бидат повредени. Жените можат да одат на работа со хиџаб, рече тој.

„Талибанците се обидуваат да го отворат патот за коалициска влада и сите Авганистанци ќе бидат вклучени. Ниту еден Авганистанец не треба да се плаши од некој што работел со претходната влада. Ние ќе и служиме на нашата земја. Без разлика дали станува збор за цивилниот или воениот сектор, никој нема да ги загуби своите привилегии“, вети Ханафи.

Талибанците вчера ја презедоа контролата врз главниот град Кабул. Меѓународниот аеродром и пристапот до него се контролирани од американската војска, додека воените транспортни авиони на воздухопловните сили на САД ги евакуираат вработените во амбасадата и Авганистанците кои работат за американскиот контингент. На аеродромот се насобрани мноштво луѓе кои сакаат да ја напуштат земјата и таму од изутринава владее хаос, а светските агенции наведуваат и за неколку загинати лица при обид да се качат на авионите.