Десетте бесплатни минути за кратко застанување пред терминалот на Меѓународниот аеродром Скопје остануваат, а ТАВ Македонија го повлече најавеното ограничување на бројот на бесплатни влезови во зоната „Hug & Fly“.

Тоа значи дека возачите и натаму ќе можат повеќепати да влегуваат во зоната, а секое кратко застанување за оставање или земање патници ќе биде бесплатно до 10 минути. Претходно беше најавено дека едно возило ќе може бесплатно да влезе само еднаш во период од 24 часа.

„Зоната Hug & Fly на Меѓународниот аеродром Скопје, засега, ќе продолжи да функционира без промени во досегашните услови и правила за користење“, соопшти ТАВ Македонија.

Од компанијата појаснуваат дека ваквиот режим ќе остане во сила сè до имплементацијата на потребната придружна инфраструктура.

„Зоната Hug & Fly останува достапна за бесплатно кратко застанување до 10 минути за оставање и земање патници“, нагласуваат од ТАВ.