Иранските државни медиуми ги објавија „црвените линии“ на Техеран во преговорите со САД, меѓу кои се нуклеарната програма, Ормускиот Теснец и замрзнатите ирански финансиски средства. Според иранската агенција ИРНА, инфраструктурата на нуклеарната програма не може да биде предмет на компромис, а Иран располага со околу 400 килограми високо збогатен ураниум за кој властите тврдат дека е наменет за мирнодопски цели.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека иранскиот збогатен ураниум ќе биде уништен или пренесен во САД. „Збогатениот ураниум ќе биде предаден на САД и таму уништен, или уништен на лице место, или на друга прифатлива локација во координација со Техеран“, напиша Трамп на платформата „Truth Social“.

Како втора „црвена линија“, Техеран го наведува правото на разузнавачки и оперативен надзор над Ормускиот Теснец, еден од најважните светски поморски правци за транспорт на нафта и гас, додека третото барање се однесува на одмрзнување на иранските средства во странство, при што Техеран бара ослободување на околу 24 милијарди долари.

Иранската агенција Mehr News Agency објави дека иранска делегација отпатувала во Катар на разговори за ослободување на околу 12 милијарди долари замрзнати средства, додека американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека преговорите со Иран би можеле да траат уште неколку дена.

Тензиите дополнително се зголемија по информациите за нови американски воздушни напади врз цели во Иран, кои Вашингтон ги опиша како одбранбени акции, додека Техеран тврди дека станува збор за прекршување на прекинот на огнот. Иранската Револуционерна гарда предупреди дека го задржува правото на одмазда за секое нарушување на примирјето.