Франција официјално влезе во техничка рецесија, откако нејзината економија забележа пад во два последователни квартала. Втората по големина економија во Европската Унија, по германската, се соочува со сериозни проблеми во пресрет на претседателските избори во 2027 година, а владата во Париз е под сè поголем притисок да ги намали јавните трошоци.

Според ревидираните податоци што вчера ги објави францускиот Национален институт за статистика (ИНСЕЕ), бруто-домашниот производ (БДП) во периодот од јули до септември се намалил за 0,2%, што е двојно повеќе од првичните процени. Во вториот квартал економијата забележала минимален пад од 0,02%, додека во првите три месеци од годината падот изнесувал 0,2%.

Економистите зборуваат за техничка рецесија кога економијата на една земја се намалува во два последователни квартала. Тоа не значи дека земјата веднаш ќе се соочи со масовни отпуштања од работа и со затворање фабрики, но ако негативниот тренд продолжи, расте опасноста од губење работни места, стагнација на платите и намалување на животниот стандард на населението.

Особено загрижува намалувањето на инвестициите, при што во третиот квартал вкупните инвестиции се намалиле за 0,9%, а инвестициите на компаниите за 0,8%. Француските претпријатија вложуваат помалку пари во проширување на производството, во нова опрема и во модернизација, додека негативни резултати бележи и градежништвото, а извозот се намалил за 1,6%.

Единствената поохрабрувачка вест е дека потрошувачката на домаќинствата пораснала за 0,3%, но тоа не е доволно за да ги надомести загубите во другите сегменти на економијата. Инфлацијата во Франција се намали од 3,4% во октомври на 2,9% во ноември, но останува неизвесно дали француските граѓани ќе се охрабрат да трошат повеќе пари.

Рецесијата сериозно ги нарушува плановите на француската влада, која очекуваше економски раст од 0,5% во 2026 година. За да се оствари таа прогноза, француската економија во последните три месеци од годината би морала да порасне за дури 1,4%, што во сегашните околности изгледа малку веројатно.

Уште поголем проблем за владата во Париз претставува буџетскиот дефицит, односно разликата меѓу парите што ги прибира државата и парите што ги троши. Во третиот квартал дефицитот достигна 5,6% од БДП, што е значително над границата од 3% утврдена со фискалните правила на Европската Унија, поради што Франција мора да ја покрива таа разлика со ново задолжување.

Францускиот министер за финансии Ролан Лескир сака во 2027 година дефицитот да се намали на 5% од БДП, но владата сега се соочува со тешка дилема. Кога економијата забавува, државата потешко прибира приходи од даноци и од социјални придонеси, а од друга страна, намалувањето на јавните трошоци или зголемувањето на даноците може дополнително да ја задуши економската активност.

Економските проблеми се закануваат да ги заострат политичките поделби во Франција, со оглед на тоа што во парламентот веќе се водат тешки преговори за буџетот, а земјата се подготвува за претседателските избори во 2027 година на кои ќе се избира наследникот на Емануел Макрон, па во таква атмосфера тешко ќе се постигне согласност за непопуларни мерки за штедење.

Рецесијата во Франција претставува лоша вест и за остатокот од Европската Унија, бидејќи таа земја е еден од најголемите пазари за производите и за услугите на другите европски земји. Доколку француските компании помалку инвестираат, а граѓаните помалку купуваат, последиците можат да ги почувствуваат и економиите на нивните трговски партнери, што за помалите економии како македонската може да значи помалку нарачки за извозните претпријатија и намален интерес од странските инвеститори.