Македонија ја очекува уште еден многу топол летен ден, со максимални температури до 39 степени. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, времето ќе биде претежно сончево и многу топло, со мала до умерена облачност, а попладне во одделни делови од земјата ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Утринските температури ќе се движат од 14 степени во Берово до 22 степени во Гевгелија. Највисоките дневни температури ќе бидат меѓу 31 степен во Маврово и 39 степени во Скопје.
Во Скопје ќе преовладува сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Во попладневните часови, во делови од Скопската Котлина, ќе има услови за изолирана појава на пороен дожд и грмежи.
Температурата во главниот град ќе се движи од 21 до 39 степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност се очекува и во понеделник. Ќе дува слаб до умерен ветер, а долж Повардарието повремено ќе засилува северен ветер.
Минималните температури во понеделник ќе бидат од 13 до 23 степени, додека максималните дневни температури ќе се движат од 32 до 39 степени.
Промена на временските услови, според УХМР, се очекува во вторник. Иако времето ќе остане сончево и топло, во попладневните и вечерните часови ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер од западен и северозападен правец.
Минималните температури во вторник ќе се движат од 14 до 23 степени, а максималните ќе бидат меѓу 30 и 38 степени.
