Тендер тандемот Филипче – Заев повторно е во фокусот на остри критики од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во најновото партиско соопштение, партијата ги обвинува двајцата поранешни функционери дека зад себе оставиле серија тендерски афери. Фокусот на предходната власт наместо грижа за граѓаните, бил исклучиво насочен кон личен профит.
Тендер тандемот Филипче – Заев и инвестиции во Дубаи
„Венко Филипче не е само политички соработник на Зоран Заев, туку нивната врска е темелена на заеднички интерес околу тендерите. Тие функционираат како тендер тандем чии приоритети се провизиите, од кои сега финансираат изградба на висококатници на најексклузивни локации во светот,“ се наведува во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, покрај афинитетот кон партиската платформа на СДС, тендер тимот Филипче – Заев дели и други интереси. Меѓу нив, партијата ги споменува и турите со луксузни мотори низ земјата и странство, како и заедничките инвестиции во недвижности во Дубаи.
„Нивниот најнов заеднички проект се недвижностите во Дубаи, каде што, според нашите сознанија, ги вложуваат средствата добиени преку провизии од тендерите. Овие пари се заработени на сметка на граѓаните, кои беа искористени како средство за лично богатење,“ додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинувања за тендер по мерка во време на пандемија
Посебен акцент во соопштението е ставен на времето кога Филипче беше министер за здравство за време на Ковид-кризата.
„Кога земјата се соочуваше со пандемија, при што животот го загубија речиси 10.000 граѓани, Венко Филипче заедно со неговиот тендер партнер Заев ја претворија здравствената катастрофа во можност за профит. Наместо приоритет да биде спасување на човечки животи, ним им беше приоритет тендерот,“ стои во партиското соопштение.
Според наводите, во екот на кризата била спроведена сомнителна јавна набавка за томографии.
„Во период кога дневно се бројат жртви, тогашниот министер Филипче распиша тендер за томографии во износ од 21 милион денари. Но, бидејќи тој износ не им бил доволен, тендерот бил поништен. Потоа, со истата фирма, направиле нов договор, овој пат вреден 36 милиони денари, или 15 милиони повеќе,“ наведува партијата.
Политичко наследство на интереси и провизии
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека актуелното поставување на Филипче за лидер на СДС е само продолжение на истата политика што, според нив, ја спроведувале со Заев.
„Заев не случајно го избра Венко Филипче да го наследи на чело на СДС. Тој е негов проверен пион кој гледа на функцијата како на можност да дофати уште некој тендер и да обезбеди уште некоја провизија,“ стои во соопштението.
Во последниот дел од изјавата, партијата додава дека јавноста веќе нема трпение за политичари кои, според нив, профитирале врз трагедијата на народот.
„Тој треба да знае дека за оние кои се збогатија на туѓа мака и ја газеа достоинственоста на народот, нема повеќе место на политичката сцена. Како што Заев и Ковачевски беа испратени во политичка пензија, така и него го чека иста судбина,“ порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Извор: Kurir