Шпанија ѝ даде рок на Италија до недела да ги укине граничните контроли воведени за патниците кои пристигнуваат од Шпанија, оценувајќи дека ваквата одлука е неправедна, дискриминаторска и спротивна на интересите на Европската Унија.
Од Владата во Мадрид најавија дека, доколку Рим не ја повлече одлуката, администрацијата на премиерот Педро Санчез ќе преземе „пропорционални мерки“ за заштита на интересите на шпанските граѓани. Засега не е прецизирано што би опфатиле тие мерки.
Шпанската влада смета дека контролите, воведени на 1 август, се спротивни на духот на Шенген. Од друга страна, Италија нивното привремено воведување, главно во воздушниот и поморскиот сообраќај, го образложи со масовното пристигнување мигранти во Сеута.
Мадрид ги отфрла ваквите аргументи и тврди дека тие не се во согласност со Шенгенскиот граничен кодекс и со фактичката состојба. Шпанската страна посочува дека мигрантите кои нелегално влегле во Сеута минатата недела не можат слободно да се движат низ Шенген-зоната поради посебниот статус на автономниот град.
Шпанската влада наведува и дека огромното мнозинство од мигрантите веќе се вратиле во Мароко, поради што не се согласува со оценките дека состојбата претставува ризик за останатите членки на Европската Унија.
Во својата реакција Мадрид се повика и на податоци од Фронтекс, според кои Италија во последните години регистрирала најголем број нелегални преминувања на надворешните граници на ЕУ, а во одредени периоди бројот бил двојно поголем од оној во Шпанија.
Шпанија ја обвинува Италија и за кршење на Даблинската регулатива од 2022 година, оценувајќи дека со тоа се создава дополнителен миграциски притисок врз другите европски партнери.
Од Мадрид потсетуваат дека и покрај ваквите околности Шпанија не воведувала гранични контроли, а како пример за солидарност го наведуваат прифаќањето дел од мигрантите кои пристигнаа на Лампедуза во 2023 година, како и отворањето на шпанските пристаништа за спасените на Централномедитеранската рута.
Шпанската страна изрази надеж дека ќе преовладаат посветеноста кон европскиот проект, здравиот разум и добрите намери, истовремено обвинувајќи ја италијанската влада дека создава поделби и конфликти поради домашни политички и изборни причини.
