Голема спасувачка акција меѓу Брач и Шолта

Три лица го загубија животот во тешка поморска несреќа што денеска се случи во водите меѓу хрватските острови Брач и Шолта, кога катамаран се судрил со едрилица. Надлежните служби сè уште трагаат по едно лице кое се води како исчезнато.

Според информациите од полицијата, несреќата се случила околу 11:40 часот во морскиот предел меѓу двата острова.

Од едрилицата биле спасени четири лица, на кои екипи на Итната медицинска помош им укажале помош на самото место.

По несреќата, во областа Сплитска порта била покрената обемна спасувачка операција во која се вклучиле поморската полиција, Капетанијата и службите за итна медицинска помош.

Засега не се познати околностите под кои дошло до судирот, а истрагата треба да ги утврди причините за трагичната несреќа.