Нов тежок инцидент на врсничко насилство се случил во училиште на подрачјето на Тетово. Четиринаесетгодишно дете заврши со сериозни телесни повреди по физички напад од страна на негов соученик.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово информираа дека вчера во 12:30 часот од Ургентниот центар во Тетово било пријавено оти кај нив било донесено 14-годишно малолетно лице од селото Милетино. Детето било примено со констатирани тешки телесни повреди кои ги здобило при физички напад извршен од негов врсник директно во училишниот двор.
Полициските службеници од СВР Тетово веднаш излегле на терен и преземаат конкретни службени мерки со цел целосно расчистување и документирање на овој насилен настан.
Овој настан следува по серијата регистрирани инциденти со малолетничко насилство во регионот. На 22 октомври, група од петмина малолетници физички пресретна и малтретираше две 11-годишни деца во централното градско подрачје на Тетово со намера да провери дали со себе носат навивачки обележја.
Претходно, на 12 октомври, во кругот на едно средно училиште, неколку малолетници со употреба на дрвен предмет брутално и тешко претепаа 9-годишно дете.
