Карлос Тевез подготвува проштален натпревар на „Бомбонера“ во Буенос Аирес и сака на теренот да ги обедини Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Средбата е планирана за декември 2026 година, но засега нема официјална потврда дека двете фудбалски ѕвезди ја прифатиле поканата и дека ќе настапат во ист тим.

Поранешниот напаѓач на аргентинската репрезентација претходно ја изрази желбата Меси и Роналдо заедно да заиграат на неговиот проштален натпревар, со што на фудбалската публика би ѝ приредиле несекојдневен спектакл.

„Отсекогаш сонував да ги видам Кристијано и Лео во ист тим. Тие се најголемите играчи на сите времиња“, изјави Тевез, говорејќи за својата замисла за прошталниот натпревар.

Тевез најави дека лично ќе се обиде да го обезбеди присуството на Роналдо, додека на списокот на посакувани гости се наоѓа и Меси. Сепак, учеството на двајцата фудбалери останува непотврдено, а сè уште нема нивна официјална изјава дека ќе настапат на средбата.

Аргентинецот во текот на кариерата настапуваше заедно со Меси во репрезентацијата на Аргентина, додека со Роналдо беше соиграч во Манчестер јунајтед.