Драматични сцени го прекинаа натпреварот меѓу Тенерифе и Андора во Шпанија. Напаѓачот Хесус де Мигел доживеал срцево-респираторен застој по тежок судир со противничкиот голман, по што медицинските екипи успеале да го стабилизираат, но тој бил пренесен на одделот за интензивна нега во сериозна состојба.
Несреќата се случила во судиското продолжение од средбата, при нерешен резултат од 2:2.
Де Мигел тргнал кон една висока топка, додека голманот на Андора, Хесус Овоно, истрчал надвор од сопствениот шеснаесетник за да интервенира во акцијата.
Потоа следувал силен директен судир, по кој напаѓачот паднал на тревникот и веднаш ја загубил свеста.
Фудбалерите на двата тима панично повикале медицинска помош, а лекарските екипи неколку минути му укажувале итна интервенција директно на теренот.
Главниот судија Перез Ернандез му покажал црвен картон на голманот Овоно, а веднаш потоа го прекинал натпреварот.
Според информациите на шпанскиот спортски весник „АС“, Де Мигел по силниот удар доживеал срцево-респираторен застој на самиот терен.
Лекарите успеале да ја стабилизираат неговата витална состојба во возилото на итната помош, но фудбалерот и понатаму останал во бесвесна состојба.
Тој итно бил пренесен во Универзитетската болница „Нуестра Сењора де Канделарија“, каде што веднаш бил сместен на одделот за интензивна нега.
Раководството на шпанскиот клуб Тенерифе официјално потврди дека неговата здравствена состојба во моментов е стабилна, но сѐ уште исклучително сериозна.
„Хесус де Мигел се наоѓа на одделот за интензивна нега. Неговата состојба е стабилна, но и понатаму сериозна. Медицинската служба на клубот е во болницата и ќе ја информира јавноста кога ќе има нови информации“, соопштија од шпанскиот фудбалски клуб.
