Мартин Велев (36), син на претседателката на Бугарскиот олимписки комитет Весела Лечева, загина во трагична несреќа на грчкиот полуостров Халкидики, откако при возење џет-ски фатално ја удрил главата.

Според бугарските медиуми, несреќата се случила во близина на кампот „Порто Елеа“, со кој семејството Лечеви управува со години. Велев, наводно, не успеал да се задржи на џет-скиот при голема брзина, по што паднал во морето и претрпел смртоносни повреди.

Турист кој се наоѓал во близина веднаш реагирал и се обидел да го извлече од водата, а на местото брзо пристигнала и екипа на итната медицинска помош.

Според лекарската експертиза, 36-годишниот Велев починал од силниот удар веднаш по падот во водата. Причините за несреќата ги истражува грчката крајбрежна стража.

По трагичниот настан, грчките власти повторно апелираа до туристите да бидат внимателни при користење пловни реквизити и водни спортови, особено при силен ветер и високи бранови.

Бугарските медиуми наведуваат дека Мартин Велев очекувал второ дете. Според неофицијални информации, неговата бремена сопруга Ана-Марија била во кампот во моментот на несреќата. Двојката има и ќерка, Вајана, родена во октомври 2022 година.

Семејството претходно се соочи со уште една голема трагедија. Таткото на Мартин, бизнисменот Манол Велев, почина во 2022 година, откако 15 години беше во будна кома по обид за атентат.