Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во средата дека договорот за прекин на огнот постигнат оваа седмица со Иран не е конечен и дека може да ја продолжи воената кампања со бомбардирање доколку не му се допаѓа.
„Тоа е меморандум за разбирање. И ако не ми се допаѓа, ќе се вратиме на пукањето по нив, на фрлањето бомби врз нивните глави“, рече Трамп на самитот на Г7 во францускиот град Евиан-ле-Бен.
„Доколку не ми се допаѓа, ако не се однесуваат пристојни, ќе се вратиме на фрлање бомби насред нивните глави, во ред?“, повтори американскиот претседател одговарајќи им на новинарите.
Челниците на групата земји од Г7 во средата повикаа на прекин на огнот во Либан и разоружување на моќното шиитско движење Хезболах. Исто така рекоа дека ќе ги диверзифицираат патиштата за снабдување со енергенси за да ја намалат зависноста од Хормускиот теснец како одговор на војната што ја поведоа САД и Израел против Иран, истовремено поздравувајќи го привремениот договор за нејзино завршување.
Договорот меѓу САД и Иран треба официјално да биде потпишан в петок во Швајцарија и се очекува да започне преговори за конечен договор за завршување на војната.
Челниците на Г7 го поддржаа договорот
Шефовите на држави и влади од земјите во групата Г7 го поздравија прелиминарниот мировен договор меѓу САД и Иран и рекоа дека се подготвени да придонесат за неговото спроведување.
„Ја нагласуваме потребата од преговори… за да се разрешат заканите што ги претставува Иран во регионот и пошироко и да се осигура дека никогаш нема да добијат нуклеарно оружје“, рекоа лидерите во заедничкото соопштение.
Самитот му даде шанса на Трамп да го претстави својот договор со Иран на сојузниците Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија.
Тие ги делат загриженостите на Вашингтон за нуклеарната програма на Иран и други прашања, но никогаш не ја поддржаа неговата одлука да влезе во војна и се грижат дека Техеран добил предност со спротивставување на нападот на суперсилата и воспоставување контрола врз теснецот.
Лидерите рекоа дека се подготвени да придонесат за спроведување на договорот, а коалицијата предводена од Велика Британија и Франција ќе помогне во обезбедувањето на пловидба откако Хормускиот теснец повторно ќе биде отворен, но не кажаа како мислат да ја спроведат таа замисла.
Меморандумот за разбирање потпишан од Вашингтон и Техеран оваа седмица, иако сè уште не е објавен, го продолжува прекинот на огнот објавен во април за дополнителни 60 дена за да им овозможи на страните да преговараат за трајно примирје.
Се чини дека Трамп постигнал малку од она што го кажа дека го посакува на почетокот на војната, истакнува Reuters, забележувајќи дека теократската влада на Иран останува на власт, резервите на високо збогатен ураниум на Иран не се предадени, неговите балистички ракетни капацитети не се уништени и не ја прекинале поддршката за движењата во регионот како што е шиитски Хезболах во Либан.
Трамп вели дека договорот наведува дека Иран нема да има нуклеарно оружје, што повторување на официјалниот став на Иран уште од 1970-те. Американските претставници велат дека натамошните разговори ќе доведат до отстранување или уништување на иранските залихи од збогатен ураниум.
Но завршувањето на војната под такви услови би можело да го изложи Трамп на критики, вклучително и од неоконзервативните јастребите во неговата Републиканска партија кои се блиски со неолибертаријанците во опозициската Демократска партија, пред среднорочните избори во ноември.
Прекин на огнот во Либан?
Едно од најважните прашања што сè уште висат во воздухот е судбината на ситуацијата Либан, кој Израел континуирано го напаѓа уште од крајот на минатата година и покрај постигнатото примирје, а ја прошири окупационата зона и го интензивираше уривањата на цели градови и села во јужен Либаб од почетокот на март откако Хезболах реши конечно да одговори на секојдневните напади врз неговите претставници и борци со истрелување на ракети врз северен Израел и како одмазда за убиството на врховниот шиитски ирански водач ајатолахот Сејед Али Хамнеи во американско-израелските напади врз Техеран на 28-ми февруари.
Израелските сили продолжуваат да окупираат делови од јужен Либан каде што повеќе од 1,5 милиони луѓе се протерани од своите домови, додека Хезболах и натаму е непоразен.
Иран тврди дека прекинот на огнот мора да ги прекине и непријателствата во Либан и дека траен договор мора да доведе до повлекување на Израел од окупиранит територии во јужен Либан каде што живее главно шиитско но и малцинско христијанско населние. Израел, кој беше исклучен од мировните преговори меѓу САД и Иран, вели дека нема да се повлече и го задржува правото да употреби воена сила.
Тоа отвори раскол меѓу Израел и САД, при што Трамп јавно го критикуваше својот воен сојузник, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
