Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, го критикуваше својот наследник во Белата куќа затоа што нема да присуствува на крунисувањето на британскиот крал Чарлс Трети, за што според него не е физички способен, а тој, доколку сѐ уште бил на функцијата, како што вели, секако ќе присуствувал на настанот.
„Мислам дека не е физички способен за тоа“, „Мислам дека тоа е физички напор за него“, рече 76-годишниот Доналд Трамп во интервју за GB News објавено во средата.
Трамп ова го изјави во интервјуто што го спроведе Најџел Фараж, поранешен претседател на еврофобичната и антиимигрантска партија УКИП, кој стана телевизиски водител.
Доналд Трамп, кој се надева дека ќе се бори со Бајден во следната трка за Белата куќа во 2024 година, е „изненаден“ од отсуството на Бајден, што тој го толкува како голем „недостаток на почит“.
Да бев во Белата куќа, дефинитивно ќе дојдев, изјави Доналд Трамп кој интервјуто го дал на теренот за голф што го поседува во Шкотска.
На крунисувањето во сабота, 80-годишниот Џо Бајден ќе го претставува неговата сопруга Џил.
До денес, ниту еден американски претседател не присуствувал на крунисувањето на британскиот монарх, неодамна потсетија американските и британските претставници.
Белата куќа инсистираше на фактот дека отсуството на Џо Бајден, кој вообичаено се гордее со своите ирски корени, не е „знак на презир“.
Џо Бајден ја прифати и кралската покана за државна посета на Обединетото Кралство.