Американскиот претседател Доналд Трамп побара што побрзо завршување на војната во Украина за време на едночасовниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Москва соопшти дека разговорот бил конструктивен и отворен, а Путин во текот на разговорот ја претставил руската проценка за ситуацијата на фронтот и напредувањето на руските сили.

Советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, изјави дека разговорот меѓу двајцата претседатели бил „конструктивен и многу искрен“. Покрај војната во Украина, Путин и Трамп разговарале и за неодамнешната посета на американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер на Москва.

Ушаков посочи дека Трамп за време на разговорот јасно се заложил конфликтот да биде завршен што е можно побрзо.

„Доналд Трамп јасно ја поддржа идејата за брзо завршување на конфликтот, што веднаш би отворило далекусежни можности за целосна обнова на односите меѓу САД и Русија“, рече Ушаков.

Од своја страна, Путин му ја изложил на Трамп руската визија за состојбата на боиштето. Во разговорот станало збор за напредувањето на руските сили, како и за остварувањето на целите што Москва ги поставила во Украина.

Од Кремљ соопштија дека двајцата претседатели се договориле да продолжат со редовна комуникација и повторно да разговараат кога за тоа ќе има потреба.