Соединетите Американски Држави нема да воведат забрана за увоз на производи од израелските населби на окупираниот Западен Брег, како што планираат Велика Британија, Франција и Канада. Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека Вашингтон не сака да преземе ништо што би можело дополнително да ја дестабилизира ситуацијата на палестинската територија.
Изјавата на Рубио следува откако група од 12 западни земји соопшти дека планира да воведе нови санкции поврзани со израелските населби на окупираниот Западен Брег.
Во заедничкото соопштение, објавено на интернет-страницата на канадската влада, Канада, Данска, Финска, Франција, Исланд, Ирска, Норвешка, Полска, Португалија, Шпанија, Шведска и Велика Британија ја потврдија „намерата да воведат национални и/или да поддржат европски ограничувања за трговија со стока со населбите кои се нелегални според меѓународното право, или активно да ги разгледуваат овие и други мерки, во согласност со нивните национални процедури“.
